„Блокирањето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, од страна на бугарската влада е спротивно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан од двете држави во 2017 година и спротивно на Одлуката за почеток на преговорите, донесена едногласно од сите земји членки на ЕУ, во март годинава“, вели претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, во интервју за „Локално“.

maja lokalno

Морачанин посочува и дека повторно е конституирана Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Со истата, како што вели, ќе се придонесе за целосно почитување на правата на ЛГБТИ луѓето како човекови права и нивна заштита од дискриминација, стигматизација, говор на омраза и насилство.

Што се однесува со масовното градење кое со децении се случува, особено во Скопје, ДОМ смета дека е една од причините за зголемено загадување и климатски промени и го загрозува здравјето и квалитетот на живот на граѓаните. ДОМ, постојано јавно реагира и се спротивставува на носењето ДУП-ови со кои се планира бетонизирање на зелените површини и изградба на огромни објекти.

Морачанин прашана за најавената легализација на канабисот вели дека ставот на ДОМ е дека секој полнолетен граѓанин треба да има право на избор дали ќе користи канабис за лична употреба и за тоа не треба да биде санкциониран.

Ја формиравте интерпартиската група за унапредување на ЛГБТИ заедницата. Досега, во практиката речиси и да продолжува да ги дискриминира луѓето припадници на оваа заедница. Која е целта кон која се стремите, и мислите ли дека на било кој начин во овој пратенички мандат ќе донесете резултати врзани за оваа тема?

-На 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, во Собранието повторно се конститутираше Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Ваква група за прв пат формиравме во февруари 2018 година, на иницијатива на граѓанските здруженија. На почетокот во групата учествуваа 6, а на крајот на мандатот, 14 пратенички и пратеници од различни политички партии и независни пратеници. Формирањето и активноста на групата, како единствена во државите од регионот, беше нотирано и во Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија.

Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Кривичниот законик, како и усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, овозможивме сексуалната ориентација и родовиот идентитет да се внесат како основ за дискриминација. Учествувавме во низа дебати и конференции, како и во медиумската кампања “Не суди кој кого љуби“, со цел подигање на јавната свест за елиминација на говорот на омраза, насилството и дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето. Членови на групата учествуваа на првиот Скопје Прајд, во јуни 2019 година, на кој како координаторка на групата имав чест да се обратам пред присутните.

Во овој момент групата брои 11 пратенички и пратеници, но веќе имаме најави за приклучување и на други колеги. Верувам дека и во овој мандат преку заедничка соработка помеѓу пратениците и граѓанските здруженија ќе продолжиме да придонесуваме за целосно почитување на правата на ЛГБТИ луѓето како човекови права и нивна заштита од дискриминација, стигматизација, говор на омраза и насилство.

Како дел од владејачкото мнозинство, како ќе го искоментирате интервјуто кое крена прашина во јавноста, дадено од премиерот Заев за бугарски БГНЕС, и кои се вашите ставови по однос на ова прашање, конкретно за текот на преговорите и ВЕТОТО кое Бугарија го насочи кон нас, а ги блокираше почетните преговори за влез во ЕУ?

-Блокирањето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, од страна на бугарската влада е спротивно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан од двете држави во 2017 година и спротивно на Одлуката за почеток на преговорите, донесена едногласно од сите земји членки на ЕУ, во март годинава. Македонија вложи огромни напори и ги исполни сите критериуми за почеток на преговорите и крајно време е ЕУ да го испорача ветеното. Со бугарското вето се нарушува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста и прогресот на целиот регион.

Барањата од страна на бугарската влада се апсурдни. За македонскиот јазик, македонскиот идентитет не може да се преговара. Разочарувачки се непримерните изјави од страна на високи функционери во бугарската влада, со барања спротивни на европските вредности. ЕУ е изградена врз разновидноста на нејзините членки, врз богатата културна историја на луѓето што ја сочинуваат и врз правото на секоја заедница на самоопределување.

Историските теми треба да се разгледуваат од страна на Мешовитата историска комисија како што и предвидува Договорот за пријателство. Вакви мешовити историски комисии имаат децениска пракса во држави членки на Европската унија. Во интерес на зголемување на довербата, пред еден месец, ДОМ предложи во македонско-бугарската историска комисија да се приклучат и историчари од ЕУ кои имаат искуство во вакви комисии. Сметам дека должност на политичарите е да се грижат за сегашноста и иднината на граѓаните и државата, а за историјата да дискутираат експертите од областа на историската наука.

Во рамки на Буџетот предвиден за 2021. Година, кои се проектите кои истиот ги опфаќа, а се врзани за заштита на животната средна?

-Сметам дека и во овој буџет, за заштита на животната средина и климата се издвојуваат малку финансиски средства. За да постигнеме видливи резултати во борбата против загадувањето на воздухот, водата и почвата потребни се многу поголеми финансиски средства. Како пратеници од зелената партија ДОМ, поднесовме три амандмани за повеќе средства во буџетот, за поставување фотоволтаици на јавните објекти, за субвенции за поставување плински уреди во старите возила и за субвенции за енергетска ефикасност за домаќинствата, кој единствено беше прифатен. Добро е што за заштита на животната средина имаме на располагање и средства од ЕУ фондовите, како и поволни кредити од Светска банка. Се надевам дека набрзо во Собранието ќе го усвоиме Предлог-законот за задолжување од 25 милиони евра за енергетска ефикасност на јавните згради.

Предвидени се и средства за пречистителни станици за отпадни води, акредитација на централната државна лабораторија,воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион, изградба на комунална, гасификациска, железничка инфраструктура, како и субвенции за домаќинствата за набавка на поеколошки уреди за греење.

Како зелена партија, односно таква која се грижи токму за животната средина, какви се вашите ставови за масовното градење на објекти низ разнни делови конкретно во главниот град и изоставувањето на зелена површина? Имавме пример во Аеродром каде на локација предвидена за градба беа исечени 18 дрвја, а притоа немаше решение за нивна дислокација.

Масовното градење кое со децении се случува, особено во Скопје е една од причините за зголемено загадување и климатски промени и го загрозува здравјето и квалитетот на живот на граѓаните. ДОМ, постојано јавно реагира и се спротивставува на носењето ДУП-ови со кои се планира бетонизирање на зелените површини и изградба на огромни објекти. Нашите советници гласаат против усвојувањето на вакви планови со кои наместо јавниот интерес се штитат бизнис интересите на поединци.

Пред три години Собранието го усвои Законот за урбано зеленило, подготвен од ДОМ, со што обезбедивме минимум 20% зеленило на градежна парцела. Заедно со граѓанските здруженија учествуваме во изработка на новиот Закон за урбанистичко планирање, донесен на почетокот на оваа година. Токму членот 23 од овој закон овозможи Советот на општина Центар да донесе одлука за суспензија на урбанистичките планови, откако Уставниот суд по втор пат одлучи да се укине мораториумот за градба.

Она што е актуелно изминативе месеци е најавената легализација на канабисот. Какви се Вашите ставови по однос на ова прашање, односно како сметате дека треба истиот да се конзумира?

-Ставот на ДОМ е дека секој полнолетен граѓанин треба да има право на избор дали ќе користи канабис за лична употреба и за тоа не треба да биде санкциониран. Затоа ја поддржуваме иницијативата на граѓанските здруженија за итна декриминализација и депенализација на канабисот за лична употреба, што е тренд и во државите членки на ЕУ. Легализацијата на канабисот, го опфаќа производството и продажбата на канабис и е покомплексен процес за кој се потребни анализи и широка јавна дебата. Корисно е да се разгледаат искуствата од десетина држави од САД и Канада кои пред неколку години го легализираа канабисот. Податоците покажуваат значителен приход во буџетот од данокот од продажбата на канабис и отворање илјадници нови работни места поврзани со канабис индустријата. За мене е значајна проценката за влијанието на легализацијата на канабис во борбата против црниот пазар и организираниот криминал.

Што мислите за предлозите за нови отворања на рудници? Во неколку наврати споменавте дека сте против отворање на истите, па дури и затворање на веќе постоечките

-Во изминатите пет години заедно со граѓанските здруженија активно се бориме против отворањето рудници. Успеавме Владата да донесе одлука за одземање на концесиите за Казандол и Иловица. И покрај обидите на инвеститорот користејќи ги правните лавиринти, да обезбеди отворање рудник во Иловца, убедена сум дека тоа нема да се случи, бидејќи одлуката на Владата е донесена врз основа на издржани правни аргументи.
Пред две години Собранието ги донесе измените на Законот за минерални суровини, подготвени од пратеничките од ДОМ, со кои се забрани отворање рудници од отворен коп кои користат цијаниди и сулфурна киселина.

ДОМ и во иднина ќе продолжи да се бори против рудниците, бидејќи рударството е тешка загадувачка индустрија, неспоиво со принципите за развој на зелената циркуларна економија за кои ние се залагаме.

Во однос на насилството врз жените, кое покажува високи резултати особено во овој Ковид период, дали како владејачко мнозинство ќе наметнете поригорозни законски измени во поглед на намалување на овој проблем?

-Во декември 2017 година Собранието ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција. Според усвоениот Акциски план, потребни се измени во триесеттина закони, за да се усогласат со Истанбулската конвенција. Во собраниска процедура веќе е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, за кој се одржа јавна расправа со учество на невладиниот сектор.

Заедно со граѓанските организации и министерот за правда разговаравме за потребата од итни измени во Кривичниот законик, со кои согласно Истанбулската конвенција, родово базираното и семејното насилство ќе станат кривични дела. Верувам дека овие закони ќе добијат широка поддршка од пратеничките и пратенците и од мнозинството и од опозицијата. Секако, само усвојувањето на законите не е доволно за да го превенираме насилството врз жените и да ги заштитиме и реинтегрираме жртвите во општеството. Во следниот период ќе биде потребно сите институции да обезбедат имплементација на новата законска регулатива.

А.В

Преземено од https://lokalno.mk/

 

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета