popovska9 860x680

На темата рудници и нивна здрава алтернатива, како и за битката на струмичките екологисти против рудникот Иловица, „Мета“ разговараше со пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска.

Неодамнешната победа – отфрлената тужба од рудникот Борово Дол за клевета од страна на Судот, ДОМ ја посвети на струмичките екологисти кои се борат против отворањето на рудникот Иловица. Какви се, според вас, шансите тие да ја добијат битката?

– Големи се шансите, затоа што сите аргументи се на нивна страна, всушност на наша, бидејќи сите ние треба да сфатиме дека борбата против рудниците е наша заедничка борба. Па колкава е Македонија? Тие рудници не тангираат сите нас во државава. Со конечното донесување на Законот за минерални суровини, струмичани се спасени од цијанид и сулфурна киселина, среде плодната струмичка котлина, најголем производител на храна во Македонија и среде еден прекрасен крај погоден за развој на туризам. Но, вадењето руда од утробата на земјата сепак значи огромно загадување, бидејќи сите тешки метали излегуваат на површина и во допир со кислород и со вода создаваат исклучително опасни и отровни соединенија. Практично, храната ја заменуваш со отрови. Македонија е премногу мала за амбициите на рударскиот бизнис и тоа треба да го сфатат сите политичари. Економски развој- донекаде, да, но дали по цена да ти умираат луѓе? Скромните платички кои жителите би ги заработиле во рудникот би биле многукратно поголеми кога би го развивале еколошкиот и рурален туризам. Државата треба да се освести и да сфати дека во струмичкиот крај приоритетот мора да биде земјоделието и руралниот туризам.

Аргументите се тие, но има ли политичка волја за ваков епилог за Иловица?

– ДОМ од првиот момент се бори против рудниците, а владеачка коалиција јавно кажа дека не смее да се уништи земјоделието во струмичко. За мене би било несфатливо сега да се смени ставот по ова прашање. Треба да се знае дека меѓународниот рударски бизнис денес во светот е фокусиран на три региони: кавкаскиот, централноазискиот и балканскиот, но ние треба јасно да им дадеме до знаење дека во Македонија нема место за нови рудници

А што е со рударското лоби?

– Рударското лоби излезе дека е голема мечка и не бевме ни свесни колку е моќно. Прво го заглави законот во Собранието, сега се заканува дека ќе оди на Уставен суд да го оспори, но сепак успеавме да ја добиеме битката против тужбата за клевета, па би сакала ова да ги охрабри струмичките еко-активисти да не се чувствуваат заплашени со заканите за тужби за јавно искажан став. Секој што пренесува јавно достапна информација, има право на тоа, исто како што секој којшто јавно ги искажува своите ставови и стравувања е заштитен со Европската повелба за право на говор. Тие прават благородна работа борејќи се за здравјето и природата.

Како е можно со децении да немаме јасна визија каква Македонија сакаме – земја на здрава храна, природни убавини и културни реткости или земја на валкана индустрија и рудници со отворени копови?

– Треба да се знае дека најголемо искористување на злато е со рециклирање на електронски отпад, 52 пати е поголема искористеноста по единица тежина во однос на отворени ископи и денес некои големи рударски компании целосно се преориентирани кон вадење злато од отпад. И покрај јасното – не! од страна на месното население во струмичко и секаде каде се крена гласот на граѓаните против рудниците, сепак инвеститорите продолжуваат да ги лажат и манипулираат граѓаните искористувајќи ја нивната сиромаштија. Мене ми се чини дека некого изгледа го чеша златото од Иловица. Некој или го осетил или мисли дека ќе го осети во своите дланки и затоа ги прави тие работи. Големите валкани бизниси секогаш одат рака под рака со коруптивни процеси, посебно кога ќе се вмешаат и некои европски финансиски институции.

Извор:  http://meta.mk/

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета