popovska 1

За да не биде Македонија гасна комора потребни се сериозни буџетски суми за еколошка трансформација, вели пратеничката и гласниот борец за ,,зелена опција”, Лилјана Поповска во неделното интервју за Лидер.

„Не можеме да бидеме задоволни од резултатите, потребно е многу повеќе“, вели Поповска во интевјуто во кое говори на актуелната тема ,,загадувањето”, како државата треба да се справи со него, а нуди и детелни  системски решенија.

Политичарите успеаа да го стават во втор план овој тивок ,,убиец” и да се фокусираат на меѓународната политика, токму затоа Поповска тврди дека во пракса третманот на екологијата е сеуште зад врата, зошто владините проекти се мерат според одвоените средства. За работата на Министерството за животна средина и министерот Садула Дураки вели- Ако некому не му лежи темата, зошто си ја мачи душата?

Лилјана Поповска е актуелна пратеничка, години наназад беше во коалција со ВМРО-ДПМЕ, а сега ја поддржува владата на Зоран Заев. Поповска беше долгогодишен претседател на ДОМ, партија со јасно профилирана зелена опција, полноправна членка на Европските Зелени.

Загадување. Од тивок убиец до гласен егзекутор. Енормното загадување го промени начинот на живот. Граѓаните транзитираат во ограничена зона, а секое излегување на воздух е ризик. Се што видовме досега е само ветувања и проекти со ЌЕ. Што може веднаш да се преземе а тоа да биде видливо решение?

Со јасен концепт може веднаш да почнат паралелни активности, со кои се сечат петте главни извори на загадување: индустрија, градежништво, сообраќај, отпад и греење. Во трите зимски најкритични месеци во градовите да се воведат итни вонредни мерки, без игри со броење денови за надминат праг на алармирање, па дувнало ветре, роса заросила и сл. Итните мерки да траат цело зимо и да се повтори и догодина. Тие се познати, но слабо применети: 50% производство на индустриските загадувачи; затворање на големите градилишта и контролиран режим на помалите; пар-непар и бесплатен јавен превоз; редовно чистење на отпад, спречување на палење и редовно миење на улици; субвенции за печки и еколошки горива во домови, јавни објекти и стопански субјекти. Најмногу се применува последново, но со смешно мали средства и за мал број домаќинства.

Среднорочно, за овие две години: мерни инструменти за воздух и води; акредитирана лабораторија при Министерството; катастар на индустриски и други загадувачи и нивна засилена контрола; евиденција на возила од страна на МВР, сосе градежната оператива; субвенции за замена на стари автомобили и автобуси со поеколошки и за вградување уреди во дизел возила за помало загадување; забрана за увоз под еуро4; контрола на станици за технички преглед; решавање на диви депонии и современо управување со отпад; листа на дозволени горива и печки. Измени во закони и правилници.

На долг рок, заштита на зеленилото и садење ново, стопирање и ревизија на штетни проекти, еколошки стандарди во просторно и урбанистичко планирање и градење, велосипедски градски и меѓуградски патеки, обновливи енергии, енергетска ефикасност, електрична железница… Не откривам топла вода. Борбата со загадувањето е сложувалка од разни активности, која е реалност во повеќето европски земји. Но борбата против климатските промени и од нив бара нови вложувања во понапредни технологии, промена на животните навики и соработка на глобално ниво. За да се спаси Планетата и човечката цивилизација, за да не шетаат бели мечки и крокодили во градовите. За да не биде Македонија како гасна комора, потребни се сериозни буџетски суми за еколошка трансформација. А тоа мора да биде проследено и со социјални мерки, за да не го плаќаат најсиромашните!

Зошто и оваа, но и претходната власт иако го ставаат загадувањето на приоритетна листа не успеваат никако да го решат? Дали во прашање е поголема политика и толерирање на диви топилници во корист на лични интереси или навистина не може да се справат со овој проблем?

Како не може да се реши, па Македонија не е Индија, па да не се најдат загадувачите? И не е во прашање никаква „поголема политика“, тоа е или некомпетентност, или корупција. Сите валкани бизниси и кај нас и во светот поминуваат преку мрежа од неодговорни службеници и политичари, која се протега низ повеќе институции за исполнување на законските процедури и низ инспекциски тела на повеќе нивоа. Само на таков начин можело, на пример, да се дадат под концесија 40% од земјата за рудници со валкани технологии! И тоа во региони со земјоделие и туризам!

Инаку, сегашнава Влада посвети голем дел од своите предизборни кампањи на екологијата. Практично, целата програма на ДОМ за зелени политики ни беше прифатена. Така беа изгласани нашите закони за урбано зеленило и за минерални суровини. Донесен беше и Законот за енергетика со можност за масовно користење на обновливи енергии, како и првата владина Програма за аерозагадување. Ова се извонредно значајни документи, но општо место останува „штедливоста“ во буџетирањето и институционалната неажурност во имплементацијата. Екологијата декларативно стана владин приоритет, но во пракса третманот и е сеуште зад врата. Зашто, приоритетот се мери според одвоените средства.

Дали Вие како зелена партија имате информации кои навистина се најголемите загадувачи? Загадувачи кои јавно не се презентираат? Сведоци сме и на летното загадување. Но тоа тотално се игнорира.

Најголемиот загадувач е индустријата, без двоумење, ја има и зиме и лете! Тоа го потврди и европскиот извештај, а тоа го кажуваат и бројките за емисиите на гасови од индустриските постројки, врз база на пресметки, кои ги прави Министерството за животна средина и се јавно достапни. Како инженер технолог, ми е сосем јасно дека при согорување на илјадници тони фосилни горива во индустријата, излегуваат тони честички и гасови кои загадуваат. Прашањето е зошто не се задржуваат на филтри или не се апсорбираат во специјални постројки? Затоа што бизнисите „штедат“, па не ги вклучуваат, или не ги менуваат заситените филтри. Трајно решение ќе биде преод од фосилни на обновливи горива, што бара поголеми инвестиции. Најголем загадувач е РЕК Битола, кому политиката му го продолжува рокот за еколошко прилагодување од 1 април 2014 година, на 2017, па на 2019 година. Еве сме, а РЕК е далеку од еколошки објект. Сите екологисти со години реагираме, ама некој треба да нѐ слушне! Мора да се одвојат сериозни средства за темелна реконструкција на овој енергетски гигант, кој ни треба, но не во ваква состојба!

Сметам дека се неточни дел од извештаите на државниот инспекторат, а и на општинските, дека индустријата не загадува. Во моментов најмногу му верувам на главниот градски инспектор, Мирослав Богдановски, кој од 8 контроли на индустриски објекти, утврди 4 прекршувања! Го познавам лично и знам со каков жар се бори, работи во три смени, без доволно луѓе и средства. Но еден човек ќе остане како Дон Кихот, ако не се направи целосна реорганизација на инспекторатите за животна средина на сите три нивоа и нивна координација. Потребно е најмалку десеткратно зголемување на бројот на обучени и стручни инспектори од различни професии.

Сакам да укажам на една грешка во толкувањето на истражувањата за аерозагадувањето. Се тврди дека 30 % отпаѓа на домаќинствата, па на граѓаните им се става товарот дека најмногу загадуваат. Се заборава дека исто загадува секој оџак, било да е од куќа, болница, градинка, сендвичара, фурна или друг објект кој се грее на фосилни горива во несоодветни печки.

Како дел од владејачкото мнозинство, што преземате Вие како партија ДОМ? Доволна ли е само ДОМ како партија на зелените да го промени политичкото размислување за позелена држава, почиста околина, чист воздух…?

Во политиката секој треба да се фокусира на она што го знае најдобро и кај што може да ги промени работите на подобро. ДОМ ќе остане на првата линија на фронтот за чиста животна средина, во соработка со екологисти од цела Македонија, како и со балкански и европски зелени партии. Имаме одлични експерти од областите што ги застапуваме и затоа ни е лесно да напишеме закон, амандман, да дадеме стручно мислење. Работиме според нашата програма и според граѓански иницијативи. Еколошки приоритети во овој период ни се борби со загадувањето од секаков вид, со неодржливата урбана експанзија, со опасните технологии во рударството и со дивите депонии, а за внесување обновливи енергии, енергетска ефикасност, зелена економија и зелени работни места, развој на еко-туризам.

Веројатно најтешка, но и најуспешна беше борбата со опасните рудници. ДОМ беше прва партија што го отвори проблемот, па заедно со граѓанските екологисти влезе во отворена борба со рударското лоби. Сите заедно успеавме да и ги предочиме на Владата правните прекршувања, по што се одзеде концесијата на рудникот Казандол. Борбата продолжува околу најавениот рудник Иловица, со планирана брана за хидројаловиште од 276 метри, колку 90-катница! За споредба, „само“ 50 метри била висока браната на бразилскиот рудник, која пукна и стана една од најголемите еколошки катастрофи во светот! Сега ни Иловица, ни било кој планиран рудник не може да добијат концесија за отворени копови со цијаниди и сулфурна киселина, зашто тоа успеавме да го забраниме со Законот за минерални суровини. Тој помина пред еден месец, по едногодишно кочење од разни страни. Законот го спремивме со колешката Маја Морачанин, го предложивме 11 колеги, го поддржаа над 40 граѓански организации, како и Балканските и Европските Зелени, на чело со првиот човек, германскиот европратеник Рајнард Бутикофер. Тој доаѓаше во Македонија за поддршка на наши меѓународни конференции и средби на највисоко политичко ниво. Сега Македонија и ДОМ ќе им помага на останатите балкански земји, зашто светското рударско лоби нагрнало токму на Балканот, кој е, заедно со Кавказ и Централна Азија, фокус на идните рударски инвестиции. Се разбира, во рудници со нечиста и загадувачка технологија, проценувајќи ги овие региони како се уште кревки во еколошката заштита и неотпорни на мито и корупција. На сите нас, како екологисти, лежи обврската оваа перцепција да ја смениме и да им се заблагодариме за непристојната понуда. Уште отрови? Не, благодариме, веќе сме доволно отруени.

ДОМ не може сам да ги извојува овие тешки битки со големи бизниси, како на Давид со Голијат. Но здружени со други екологисти, можеме и ќе продолжиме упорно да ја подигаме еколошката свест и култура. За да се создаде критичната бројка свесни граѓани кои ќе ја разбијат во парампарчиња невидливата мрежа во македонските институции, која ја попречува примената на законите за животната средина и чесната инспекција на загадувачите и уништувачите на природните ресурси.

Дали ги оправдувате политките кои ги спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање по однос на загадувањето? За 2 години министерот не одржа ниту една прес конференција?

Да, тоа е навистина необично. Екологијата бара знаење, страст и посветеност, зашто буквално за животот се работи! Ако некому не му лежи темата, зошто си ја мачи душата? Инаку, министерството е голема структура, која има и извонредни професионалци со големо знаење и љубов кон животната средина, но факт е дека нивниот труд се втопува во општата бледа претстава. Не можеме да бидеме задоволни од резултатите, потребно е многу повеќе.

 

Извор: https://lider.com.mk/ 

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета