Ana Ugrinska na rabotno mesto

Доцент д-р Ана Угринска, специјалист по нуклеарна медицина и наставник на Медицинскиот факултет во Скопје по патофизиологија и нуклеарна медицина, од пред шест месеци е назначена за директор на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ – Институт) и е посветена на  унапредувањето на дијагностичкиот пристап во полза на болните со малигни заболувања  и на унапредување на нуклеарната медицина кај нас

ПЕТ – Институтот е една од најголемите инвестиции во здравството, но долго време се соочуваше со проблеми во своето работење. Каква е ситуацијата денес?

УГРИНСКА: Институтот во минатото, заради несоодветно менаџирање, се соочуваше со проблеми во секојдневната работа. Пациентите со малигни заболувања, кои се една мошне вулнерабилна група на пациенти, беа доведени во ситуација да бараат ваква услуга во приватните клиники во земјава и во странство. Замислете го стресот кај овие болни кои се соочени со една сериозна болест, а згора на тоа мораат да обезбедат и сериозни финасиски средства за скенирање, кое им е потребно.

Вработените од ПЕТ – Институтот покажаа подготвеност и ентузијазам за работа, па заедно успеавме да го оптимизираме работниот процес и да го зголемиме бројот на пациенти на кои можеме да им ја дадеме нашата услуга. На тој начин, и покрај тоа што првите месеци од 2018 година Институтот не работел, успеавме минатата година да ја завршиме со надминување на бројот на пациенти за кои сме се обврзале спрема Фондот за здравствено осигурување и да обезбедиме ПЕТ/КТ услуга. Токму заради тоа, оваа година добивме зелено светло од ФЗО речиси двојно да го зголемиме бројот на пациенти на кои ќе им ја овозможиме оваа услуга во дијагностицирањето на нивната болест.

Што, всушност, претставува позитронско – емисионата томографија?

УГРИНСКА: Позитронско – емисионата томографија, или како што скратено се нарекува ПЕТ, претставува сликовен дијагностички метод со кој може да се следи метаболизмот или дистрибуцијата на одредени рецептори, антитела во организмот кај човекот. ПЕТ практично претставува функционален дијагностички метод наспроти компјутерската томографија (КТ) или магнетната резонанца (МР), кои даваат анатомско-морфолошки приказ на промените во организмот.

Кој од овие три дијагностички методи е подобар?

УГРИНСКА: Во медицината не постои волшебна дијагностичка процедура која ќе ги реши сите дијагностички дилеми кај пациентите. Секој од овие дијагностички методи има свои карактеристики и дијагностички можности, врз основа на што лекарот кој го упатува пациентот избира најсоодветна процедура. Во нашиот Институт, ПЕТ скенот најчесто го правиме истовремено со КТ скенот и на тој начин ги користиме можностите на двата метода, што придонесува за попрецизна дијагностика. ПЕТ скенот се користи кај онколошките и не-онколошките заболувања, значи во онкологијата, неврологијата, кардиологијата и во други области на медицината. Сепак и кај нас и во светот речиси 99% од ПЕТ скеновите се индицирани и се прават кај болните со малигни заболувања.

Споменавте дека цената на ПЕТ/КТ скенот е голема. Дали нашите пациенти плаќаат за скенирањето?

УГРИНСКА: ПЕТ/КТ дијагнстиката е најскапа дијагностичка процедура. Меѓутоа услугата е покриена од Фондот за здравствено осигурување за нашите осигуреници. Пациентите мора да имаат упат преку системот „мој термин“, креиран од специјалистите од терциерна здравствена заштита. Значи, не може матичниот лекар да ги упати кај нас во Институтот. Постои можност пациентите приватно да го платат скенирањето, но досега не се случило тоа, бидејќи пациентите на кои им е потребно скенирањето си добиваат упат од својот лекар. Скенирањето досега сами си го плаќаат само странски државјани кои доаѓаат за таквата услуга во нашиот Институт.

Како е технички и кадровски екипиран и организиран овој Институт?

УГРИНСКА: Приказната почнува во 5 наутро кога екипа од физичари, инженери, фармацевти, хемичари и технолози започнуваат циклотронската продукција на радиоизотопи, а потоа продолжува обележување на фармацевтиците со овие радиоизотопи. Во 8 часот пристигнуваат првите пациенти кај кои со помош на овие радиофармацевтици се реализира ПЕТ/КТ скенот, а целата процедура ја водат сестри, радиолошки технолози и лекари. Додека, пак, интерпретацијата на секој резултат ја прави специјалист по нуклеарна медицина и специјалист радиолог.

Каква е иднината на ПЕТ Институтот и на развојот на нуклеарната медицина кај нас?

УГРИНСКА: Моја лична заложба е да се создаде екипа која е високо специјализирана, стручна и мотивирана да даде врвно професионална дијагностика за онколошките пациенти. Целата екипа веќе е оспособена за оваа работа, речиси сите реализирале стручни престои во реномирани институти за нуклеарна медицина во странство, а во план е и нивна натамошна  едукација. Оваа година во овој Институт имаме реализирано над 1.200 скенирања, податок што доволно зборува сам за себе. Сметам дека иднината во дијагностицирањето, меѓу другото, е и во нуклеарната медицина, која сметам дека и натаму ќе се развива кај нас и ќе го добие вистинскиот третман. Инаку, Институтот соработува со универзитети и од земјава и од странство и има започнато неколку значајни научно-истражувачки проекти од клиничката и базичната нуклеарна медицина, кои се во прилог на дијагностиката, односно придонесуваат за детектирањето на малигните заболувања, со што може медицински превентивно и ефикасно да се интервенира кај лицата со малигни заболувања. 

Интервјуто го подготви Бојан Петровски

извор: http://denesmagazin.mk/intervju-so-d-r-ana-ugrinska-sovremena-dijagnostika-za-bolnite-od-rak/?fbclid=IwAR244GlC4Vq0xUZVFuCuTUCpWImCmUyyZRNEpPWPx0r3bNnOgEdY3o1k5ik

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета