Има ли Владата искрена намера да се справува со загадувањето на воздухот?

– Оваа Влада, за прв пат во Република Македонија, намалувањето на аерозагадувањето го постави како стратешки приоритет на Владата и донесе Програма за намалување на аерозагадувањето. Со тоа покажа јасна политичка воља за справување со загадувањето на воздухот. За ДОМ е значајно што најголем број мерки кои ние како зелена партија и еколошките невладини организации и иницијативи ги предлагаа, се опфатени во Програмата. Се повикуваат на финската студија иако таа е направена од само една позадинска мерна станица во Карпош и резултатите не може да бидат релевантни за цело Скопје.

Фокусот не треба да биде на тоа колкав процент на загадувањето доаѓа од кој извор туку треба да се делува на сите извори, покрај домаќинствата и индустријата, градежништвото, сообраќајот, третманот на отпадот. Субвенциите за еколошки опции за загревање на домаќинствата се добра мерка, а ДОМ предложи и намалување на ДДВ-то за парно греење од 18 на 5 проценти, што е внесено во програмата. Што се однесува за сообраќајот ние мора да ги следиме светските трендови и да го смениме концептот за развој на градовите. Градот треба да е за граѓаните, за пешаци, велосипедисти и за квалитетен јавен превоз, а не за автомобилите. Зголемен број на автобуси, повеќе автобуски линии, воведување т.н. зелен дневен билет, бесплатен јавен превоз во деновите со енормно аерозагадување, зелени пешачки зони во централните градски подрачја, се мерки кои ќе имаат позитивен ефект на квалитетот на воздухот. Ете, трамвај во Скопје би бил одлично решение.

Зошто користењето на обновливите извори на енергија не е дел од мерките на Владата за справување со аерозагадувањето? РЕК Битола останува главен извор на струја.

– Се работи за мерки кои ќе се спроведуваат во следните две години, но се сложувам дека е потребно интензивно да се реализираат и долгорочните мерки, особено транзицијата од фосилни кон обновливи извори на енергија, како ветер и сонце. Тоа е подолготраен, но неопходен процес. Со новиот закон за енергетика се овозможува поголема употреба на сончевата енергија за производство на електрична енергија. Во тек е подготовка на правилник со што ќе се овозможи и

индивидуални домаќинства да можат да произведуваат струја од фотоволтаици. Во Собранието изгласавме да може да се земе кредит за втората фаза на паркот на ветерниците во Богданци, а се планира и изградба на фотоволтаични централи. Од посебна важност е и потребата за зголемена енергетска ефикасност на објектите. Македонија го ратификуваше Парискиот договор за борба со климатските промени и со тоа превзема обврска за намалување на емисиите на стакленички гасови, но истовремено се отвора и можност за користење на фондовите за таа намена.

Maja e1546165925138 860x650

 

Да се вратиме на загадувањето од индустријата. Шилегов и Макрадули не пропуштаат прилика да не потенцираат дека индустријата не загадува, дека причинител е греењето на домаќинствата и сообраќајот. Прво, тоа не е точно, второ, лошо зборува за вистинските намери на власта.

– Индустријата секако е еден од загадувачите. И во една од студиите стои дека околу 19 проценти од загадувањето потекнува од индустријата. Без оглед дали се работи за објекти со А интегрирана дозвола, кои ги контролира државниот инспекторат или со Б, кои ги контролираат општините, потребни се почести и вонредни контроли и, што е многу важно, во попладневните и во вечерните часови, за време на викенд. Мора да се објават резултатите од контролите бидејќи во недостиг на информации ќе има шпекулации.Градскиот инспекторат веќе почна со такви контроли и ги објавува резултатите, потребна е поголема активност и транспарентност и од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Добро е што дел од мерките на Владата се и набавка на нови мерни инструменти бидејќи постојните се стари и често се расипуваат.

Можно е да се работи за старост на инструментите, но има чудни симтоматични совпаѓања на „пикови“ на загадување со престанок на работа на конкретни сензори на локации како Гази Баба или Лисиче. Тоа раѓа недоверба.

– Да, мора да се постават сигурни и нови инструменти, во чии резултати граѓаните ќе имаат доверба. Но, сметам дека фокусот треба да биде ставен на реализирањето на мерките за намалување на аерозагадувањето. Со колешката Поповска поднесовме амандмани на буџетот за 2019 со кои за мерките против загадувањето баравме место предвидените два милиона – 24 милиона евра,бидејќи според проценките на самото Министерство за животна средина толку пари би биле потребни за реализација на предвидените мерки, но ни беа одбиени со образложение дека и во други ставки има пари за реализација на тие мерки. За ефикасно намалување на аеорзагадувањето потребно е прецизно буџетирање на секоја мерка, да се предвиди со колкав опфат и во кој временски рок таа ќе се реализира и граѓаните да имаат увид во реализацијата. Така ќе се врати и довербата на граѓаните кон институциите.

Уништувањето на Водно за гасоводот се оправдува како нужност бидејќи станиувало збор за еколошки проект кој ќе ги спасувал шумите од сечење?

– Ние, како и сите екологисти не сме среќни со употребата на гас бидејќи се работи за фосилно гориво, но свесни сме дека гасификацијата ќе помогне значително да се намали аерозагадувањето, а ќе значи и поефтин енергенс за домаќинствата и за индустријата. Во однос на Водно, ние имаме ист став како и еколошките активисти-баравме алтернативна траса за гасоводот. Ни беше предочено дека и другите траси би предизвикале големо уништување на вегетацијата, дека од безбедносен аспект се понеповолни… Добро е што се направи корекција на трасата со намалување на нејзината широчина и се презема обврска за пошумување на Водно, но останува фактот дека парк-шумата Водно е заштитено подрачје.

Ќе се донесе ли барем законот за заштита на Водно?

– Верувам да, најавен е за 2019 година.

Интервјуто е преземено од: http://meta.mk/

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета