liljana popovska

Многу пати сите ние, сета стручна јавност и граѓаните, укажуваме дека се опасни огромните градби на Водно, дека може да се лизнат и да направат свлечишта, но повторно глув молк и ставање на бизнис-интересот пред се! За да се спречат други слични катастрофи во Скопје, Тетово, или било каде, неопходна е целосна ревизија на законите за урбано планирање и градење и носење на вистински закон за зеленило, а не онаа смешка од закон што се усвои пред некој месец, колку да се фрли прашина в очи и да ни се затвори устата, вели во интервју за Стандард.мк, Лилјана Поповска, претседател на партијата ДОМ.

Директорот на АД за Стопанисување со станбен и деловен простор изјави дека поднеле кривична пријава против непознат сторител за одговорност на жителите на Тафталиџе кои веќе неколку месеци го бранат градењето на паркот на „Букурешка“. Како може да се одговори на обидот на власта преку кривични пријави да го спречи граѓанскиот револт?

-Кривичните пријави против граѓаните што го бранат паркот се антидемократски и антиполитички чин. Граѓаните од Тафталиџе 1 кои живеат таму јасно кажуваат дека со уништувањето на паркот драматично ќе се нарушат нивните условите за живеење. А тие имаат право на здрава животна средина загарантирана со Устав.

Тогаш на каков и чиј јавен интерес се повикуваат општината Карпош и Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор? Зарем интересот на овие сегашни жители на Тафталиџе не претставува јавен интерес за овие институции? Ако е така, тогаш чиј јавен интерес сакаат да заштитат институциите? На некој инвеститор кој веќе ја пресметал добивката од изградбата на уште една чир-зграда? На оние десетина семејства што ќе купат станови од 100 до 120 метри квадратни доколку се изгради планираниот објект на маркицата? По кои критериуми ќе бидат привилегирани новите, на сметка на старите жители на Тафталиџе? И конечно, дали зад сева оваа бескомпромисна битка за уништување на паркот не лежи сосем приземен личен интерес на грст високи функционери од власта? Одговорите сами се наметнуваат.

ДУП-овите ги носат луѓе и тие истите, или некои други, може да ги сменат, доколку постојат објективни причини за тоа. А јас не гледам посилна причина за промена на ДУП-от од јавниот интерес на граѓаните на Тафталиџе 1 да живеат во поздрава и похумана животна средина. Граѓанската борба треба да продолжи, со сите демократски средства, меѓу кои е и правото на протест. А можеби „бранителите на јавниот интерес“ ќе не изненадат, па ќе направат разумен политички маневар во предизбориево и ќе ја повлечат „градежната артилерија“?

ДОМ доби закана за тужба од Зоран Азманов, претседател на Надзорниот одбор на градежната компанија „Настел“, кој тврди дека не е точно дека се гради „урбанистички и еколошки монструм“ во Тафталиџе. Има ли реакции кај жителите во поглед на проблемите кои се отвораат со изградба на оваа гигантска градба?

-ДОМ реагираше токму по пријави од граѓани од Карпош, дека почнува да никнува тој објект. А сега, по нашето јавно известување за деталите, на социјалните мрежи се води вистинска јавна дебата. Онаква, каква што изостана при носењето на ДУП-от на таа четврт, па тие неколку најспорни ДУП-ови во Карпош беа донесени спротивно на законската процедура, среде новогодишни празници!

Што се однесува до изјавата од Азманов, јавно соопштивме дека ние не влегуваме во дебати со приватни инвеститори, зашто тие си имаат свои интереси. Како партија се водиме од јавниот интерес и затоа се обративме до институциите, кои се должни да го заштитат. По се што слушнавме и видовме последниве години, јасно ни е дека многу клучни институции не функционираат независно и професионално. Затоа ја информиравме јавноста, а јас поставив пратеничко прашање до Министерството за транспорт и врски, како издало дозвола за тој објект, кој претставува урбанистички и еколошки монструм, за кој и самиот инвеститор се фали дека е „најголемиот стамбено-деловен објект досега во земјава, со развиена површина од 60.000 метри квадратни“! Постојат нерасчистени имотно-правни односи околу незавршена денационализација, за што течат процеси од страна на сопствениците на земјиштето, што може да се види од нивната документација.

nastel

Се нарушуваат ли еколошките стандарди со овој објект?

– Објектот со својот огромен габарит ги гази еколошките стандарди за хумано живеење и сместува едно мало македонско градче во една зграда. Ги засенува околните објекти, нема проветрување за цела населба, нема простор за нормален сообраќаен тек, а ќе се издига како кинески ѕид во општина Карпош! Сериозно се прекршени и надминати урбанистичките стандарди при проектирањето и постои несовпаѓање со ГУП-от на град Скопје, посебно со членот 47, во кој се дефинираат основните параметри за висината на објектот, неговиот габарит и густината на населението во дадената четврт. Практично, според стручњаците, само овој објект ќе ја исцрпи и надмине дефинираната густина на целата четврт!

Поради сево ова, ДОМ побара стопирање на градбата, промена на ДУП-от и на проектот. Ако институциите не изреагираат професионално на нашите укажувања и на реакциите на јавноста, ќе одиме со други правни и демократски средства што ни стојат на располагање како на граѓани.

Со години се бориме со незнаење и незаинтересираност на одговорни политичари за еколошките проблеми

Повиците за одговорност за трагичната поплава завршија без утврдување на вина, па дури имаше коментари дека „нецивилизациски било да се зборува за одговорност од поплави“. Дали е „цивилизациски“ да чекаме да ни се повтори слична катастрофа пред да се превземат мерки за заштита?

-За жал, заклучоците на опозицијата во Собранието беа отфрлени, а беа пофалени институциите за „добро завршената работа“! Страшно беше да се гледа како во првите денови по катастрофата граѓаните беа оставени сами на себе и на солидарноста од сограѓаните и пријателите, како да немаме држава… Дури потоа донекаде се созедоа некои институции, а војската подметна целосно.

Мора да се одговара за грешките и мора да се направи целосна ревизија на плановите за цивилна заштита, со оперативни планови, со јакнење на институционалниот капацитет, со вложувања во потребна инфраструра и со едукација на граѓаните и на политичарите! Токму овие елементи беа заклучоци на конференцијата на 8 балкански зелени партии, која ДОМ ја организираше во 2014 година, со помош и на Европските зелени, со присуство на европратеникот Давор Шкрлец и српскиот пратеник Иван Кариќ. Тоа беше Конференција за еколошка безбедност на Балканот, за брз и спремен одговор на климатските промени. Повод беа поплавите во околните земји и евидентната неспремност соодветно да се реагира. За жал, заклучоците беа посериозно дебатирани во Европскиот парламент, отколку во нашиот!

Сиве овие стравотии можеа да се превенираат и да се намалат штетите. Со години се бориме со незнаење и незаинтересираност на одговорни политичари за еколошките проблеми. Што да кажам, за нужноста од решавање на подземните води токму во сега поплавените подрачја правевме кампања уште пред 5 години, заедно со невладината организација Еко-мисија и граѓанската иницијатива од месните заедници од општините Гази Баба, Илинден и Петровец. Покрај со пресови, отидовме и на терен, разговаравме со градоначалниците, баравме сериозни инфраструктурни зафати за решавање на подземните води, со атмосферска и фекална канализација, за да не се поплавуваат населбите и за да не се меша водата за пиење со фекалната вода! Кој да чуе, кој да разбере! Освен ветувања и реализација на фрагменти од потребното, изостана сериозен пристап…

Да не зборувам за повеќегодишната борба за закон за зеленило, закон за почви, закон за градски архитект, сите спремни и изработени од цели екипи стручни натпартиски тимови! Европски закон за води предложивме и се усвои во парламентот, но за кратко време беше видоизменет и никогаш целосно реализиран!

По поплавите, на една од фотографиите, која е снимена на планината Водно, се гледа како се формира свлечиште од земја. Каква е опасноста од градежната офанзива на Водно?

-Многу пати сите ние, сета стручна јавност и граѓаните, укажуваме дека се опасни огромните градби на Водно, дека може да се лизнат и да направат свлечишта, но повторно глув молк и ставање на бизнис-интересот пред се! За да се спречат други слични катастрофи во Скопје, Тетово, или било каде, неопходна е целосна ревизија на законите за урбано планирање и градење и носење на вистински закон за зеленило, а не онаа смешка од закон што се усвои пред некој месец, колку да се фрли прашина в очи и да ни се затвори устата. Нема да замолчиме, ни да престанеме со борбите, а сега е и далеку полесно, кога се подигна граѓанската еколошка свест. На ред е едукација на политичарите, независно од која партија, зашто секој некогаш ќе биде во позиција да одлучува и секој мора да знае дека екологијата е важна за сите!

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин e-mail: maja.moracanin@dom.org.mk
тел: +389 75 61 81 93

Социјални медиуми

Анкета